Во Македонија се забележува тенденција на прифаќање и воведување на ISO стандарди во институциите. Се` почесто сме сведоци како организациите почнуваат да обрнуваат внимание на работењето по меѓународни стандарди.
Владата на Република Македонија, уште пред една година донесе одлука за имплементирање на ИСО стандард за квалитет. Донесена е одлука за имплементирање на ISO стандард за квалитет во јавната администрација, а тоа е направено и во други нејзини сегменти.
Исто така, одредени општини имаат воведено ISO стандарди и нивниот број постојано расте. Пример за тоа се општините: Центар, Илинден, Аеродром, Карпош, Охрид, Велес, Струмица и други.
Како и кај Владата и општините, и фирмите почнуваат да се стремат кон воведување на стандарди, пред се` за квалитет и секако, оние што се пропишани со закон, како HACCP. Иако не располагаме со конкретни бројки, се чини дека фирмите во Македонија постепено стануваат свесни за придобивките од воведување на ISO стандарди.
Кои фирми, организации и други правни лица имаат сертификати според ИСО стандардите, може да проверите во ISO регистарот. Во Македонија има уште многу да се работи на ова поле, пред се` од аспект на едукација на менаџерските кадри во фирмите. Постојат лица на раководни позиции кои не се запознаени што всушност значат овие стандарди и зошто е важно нивното претпријатие да ги воведе.
ISO стандардите често пати се еден од условите за конкурирање на домашни тендери, па се од особена важност за сите кои имаат намера да аплицираат за јавни набавки.
Исто така, она што и` е потребно на македонската економија е зголемување на извоз. Странските пазари многу полесно може да се освојат доколку се покаже дека македонските фирми се конкурентни по квалитет, работат по пропишани норми и имаат меѓународни стандарди. За странските клиенти квалитетот е од особено значење.
Континуираното задоволство кај клиентите, дисциплината, проверките при работата, хигиената, заштитата на здравјето и безбедноста на работата се само дел од карактеристиките кои се потребни за да се подигне општиот впечаток на македонските претпријатија.
Тоа се карактеристики што секој клиент би го направиле среќен. И треба да се фокусираме на тоа.