Една од добредојдените промени во ISO 9001:2015 е исклучувањето на претставникот од раководството. Оваа функција повеќе стандардот не ја наложува. Во претходната верзија на стандардот, во организацијата се назначуваше претставник од раководството кому покрај редовните работни обврски, му се доделуваат дополнителни одговорности и надлежности кои се релевантни за системот за управување со квалитет (СУК). Во праксата, често се покажа дека дополнителните обврски на едно лице т.е. претставникот од раководството, го отежнуваат исполнувањето на сите зададени работни задачи.

Таков е примерот и со ББ Компјутери.

ББ Компјутери е мала компанија чија главна дејност е продажба и сервис на компјутери и информатичка опрема со имплементиран ISO 9001:2008 од мај 2012 година. За претставник на раководството за СУК во ББ Компјутери назначен е Мартин Стојковски.

Мартин е сервисер на компјутери со големо искуство кој е вработен во компанијата од нејзиното основање. Покрај редовните работни обврски, на Мартин му беа доделени и дополнителни одговорности и овластувања кои ги побарува ISO 9001:2008.

Во почетокот со соодветна обука и период на прилагодување Мартин ја усогласи својата работа со барањата на системот за управување со квалитет. Во март 2013 година, ББ Компјутери склучи договор за одржување на повеќе од 350 компјутери. Тоа беше одлична можност за компанијата. Во наредните две недели беа вработени уште двајца сервисери за компјутери со цел да може навремено да се одговори на барањата на новиот голем клиент.

Обемот на работа значително се зголеми. Мартин по цели денови беше на терен и целосно ги запостави неговите одговорности и надлежности како претставник на раководството за ISO 9001. Тој целосно ја запостави документацијата со која раководеше, немаше извршено мерење на задоволството на клиентите, состаноци со раководството не се одржуваа, немаше кога да врши анализа и евалуација на информациите добиени од системот за управување со квалитет и поради тоа и не изготвуваше извештаи за раководството на компанијата, неусогласеностите во работењето не се откриваа навремено и не им се одредуваа корективни и превентивни мерки, со што компанијата губеше драгоцени време и пари. Управителот на организацијата сето ова го забележа, но не знаеше како да постапи. Неговите опции се да вработи дополнителен персонал  или да се откаже од ISO 9001.

Едно од одличјата на ISO 9001 е дека за водење на системот не смее да се условува компанијата да оддели дополнителни средства за да може да го води сопствениот систем за управување со квалитет туку треба да ги користи ресурсите кои веќе ги има. Како во примерот на ББ Компјутери, не секогаш тие ресурси се доволни за да се добие практичен и полезен систем за управување со квалитет. Исто така, откажување од ISO 9001 е загуба која може само да нанесе штета на угледот, ефективноста и квалитетот на организацијата.

Од овие практични причини новата верзија на системот за управување со квалитет, според  стандардот ISO 9001:2015 значително им олеснува на организациите во поглед на доделувањето на одговорностите во системот за управување со квалитет. Одговорностите на претставникот на раководството сѐ уште се барање од стандардот, но не и тој.

Со доделување на улоги како што се СУК Координатор, СУК Менаџер, СУК Тим или слични, на повеќе лица во организацијата и точно определени одговорности и надлежности за истите, се врши соодветна распределба на одговорностите во СУК кои нема да претставува пречка при вршењето на редовните работни обврски.

Тоа значи дека носители на улоги со определени одговорности и надлежности во системот за управување со квалитет може да бидат онолку лица колку што организацијата смета дека е потребно и изводливо, во согласност со структурата на организацијата. Ова веќе ја означува практичноста и експедитивноста која еден систем за управување квалитет ја исполнува.

Претплатете се за новости!

Искористете ја оваа можност да ги добивате најновите вести од областа на ИСО стандардите.

Со праќањето потврдувате дека се согласувате со нашата Политика на приватност.