Со последната ревизија на стандардот, се внесоа новини во ISO 9001:2015. Една од тие новини е:

КОНТЕКСТ НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА. Ова барање од стандардот служи за појасно дефинирање на опсегот, целите на организацијата, како и соодветно управување со ризиците и можностите. Одредувањето на контекстот е конкретен осврт на факторите и условите кои можат да влијаат на производите, услугите, инвестициите и заинтересираните страни во и надвор од организацијата.

Контекстот на организацијата е ново барање во стандардот кое вели дека организацијата мора да ги одреди интерните и екстерните фактори, кои влијаат на стратешките цели и планирањето на системот за управување со квалитет. Таков е и примерот за СИЛЕР:

СИЛЕР е акционерско друштво чија примарна дејност е производство на шатори за кампување. Компанијата стагнира, поради тоа, во почетокот на  2011 година, управниот одбор на СИЛЕР донесува одлука да се започне и со производство на тенди и големи шатори. Законот за заштита од пушење законски регулативи и промени во законите – екстерен, само што стапи на сила и компанијата ова навремено го согледа како фактор кој значително ќе влијае на стратешката определба и целите. Голем дел од угостителските објекти ќе имаат потреба од тенди и големи шатори за да може да ги задоволат потребите на своите гости. Продажбата започна да се зголемува, СИЛЕР со своите нови производи зафати голем дел од пазарот и во наредните неколку години производството течеше без прекин. Секако во овој период и другите компании како СИЛЕР ги пласираа на пазарот своите производи, а се отворија и многу помали компании кои ги изработуваа истите производи. Пазарот започна да се заситува од овие производи екстерен фактор – промени на пазарот и кон крајот на 2014 година продажбата се намали за 37% во однос на претходната година.

Управниот одбор кон крајот на 2015 година, приморан од новонастанатата ситуација, донесе одлука за намалување на бројот на вработени. Во јануари 2016 година СИЛЕР беа контактирани од една меѓународна хуманитарна организација кои сакаа да нарачаат 1250 шатори за кампување. Во случајов, СИЛЕР немаше доволно ресурси за навремено да може да одговори на ова барање. Управниот одбор на СИЛЕР ја занемари бегалската криза во Европа и зголемувањето на побарувачката на пазарот за нивните производи кои произлегуваат од истата.

 

Заклучок од примерот:

Сите организации вршат преиспитување на контекстот на организацијата на одреден начин, но не секогаш навремено и скоро никогаш тоа не се документира. Определувањето и преиспитувањето на контекстот на организацијата на определени временски интервали е барање од стандардот ISO 9001:2015 кое нуди многу можности и придобивки за компаниите. Доколку СИЛЕР го имаше прилагодено системот за управување со квалитет кон барањата на ISO 9001:2015, ќе можеше навремено да ги определи интерните и екстерните фактори кои влијаат на бизнис околината.

Иако ISO 9001:2015 наложува одредување и преиспитување на контекстот на организацијата тој не пропишува конкретен метод за извршување. ИСО Консалтинг нуди едноставен и прагматичен пристап кон разбирањето на контекстот на организацијата кој се состои од три чекори:

1.Одредување на интерните и екстерните фактори кои можат да влијаат на производите, услугите, инвестициите и заинтересираните страни.

2.Идентификација на заинтересираните страни и нивните барања.

3.Воспоставување на систем за редовно преиспитување и надгледување на интерните фактори, екстерните фактори и заинтересираните страни.

Интерниот контекст на организацијата е средината во која се стреми да ги постигне предвидените цели (договорени обврски; односи со вработени, акционери, партнери и снабдувачи; ресурси; знаење; култура на организацијата и сл).

За одредување на контекст, организацијата ги зема предвид факторите кои се од социјален, технолошки, етички, политички, законски и економски карактер.

Заинтересираните страни на организацијата ги вклучуваат, но не се ограничени на купувачите, крајните корисници, партнерите, вработените и снабдувачите.

Организациите најчесто вршат преиспитување и надгледување на контекстот на организацијата преку состаноците за преиспитување од страна на раководството или преку редовните состаноци на високото раководство. Колку почесто се врши преиспитувањето, толку подобро организацијата може да го согледа и да се прилагоди на контекстот. Најчесто користени алатки за определување и преиспитување на контекстот на организацијата се SWOT и PEST анализите.

Навременото идентификување на екстерните и интерните фактори кои ѝ влијаат на организацијата, како и потребите и очекувањата на заинтересираните страни имаат огромно влијание врз стратешките цели на организацијата и ѝ овозможуваат оптимално позиционирање на пазарот.

Претплатете се за новости!

Искористете ја оваа можност да ги добивате најновите вести од областа на ИСО стандардите.

Со праќањето потврдувате дека се согласувате со нашата Политика на приватност.